Лабораторијата за софтверско инженерство и напредни програмерски техники

 
Софтверското инженерство како наставно-научна дисциплина

Првите студии по информатика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ започнаа во учебната 1979/80 на поранешниот Математички факултет и во 1980/81 на поранешниот Електро-технички факултет во Скопје. Непосредно потоа, на Електро-техничкиот факултет беа отворени и првите постдипломски студии со предмети од областа на компјутерската техника и информатиката.

Во почетокот, создавањето софтверски системи беше поистоветувано со програмирањето, т.е. со кодирањето. Но, наскоро информатичарите сфатија дека освен кодирањето, значајни елементи во создавањето сериозни програми се процесите и распределбата на сервисите, квалитетот и цената, и секако, професионализмот. Сите овие искуства беа вклучени во новите студии по информатика во 2001, усогласени со препораките на светските здруженија на инженерите IEEE и на информатичарите ACM.

Во истото време, започна проектот Software Engineering Education and Reverse Engineering. Проектот беше поддржан од DAAD (Deutcher Akademischer Austausch Dienst) под покровителство на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа и во него во тоа време учествуваа седум универзитети од четири држави, координирани од Универзитетот Хумболд од Берлин, Универзитетот во Нови Сад, универзитетот Паисиј Хилендарски од Пловдив и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Една од клучните цели на проектот беше да се „дефинираат заеднички наставни програми за додипломски курс по софтверско инженерство кој ќе биде (делумно или целосно) искористен од останатите учесници во проектот“. За прв пат, создадените наставни материјали во нивната оригинална верзија на англиски јазик беа искористени во наставата на Институтот за информатика во учебната 2003/04.

Следен чекор на успешниот тим беше Темпус проектот 18035-2003, чија цел беа заедничките постдипломски студии по софтверско инженерство http://perun.pmf.uns.ac.rs/msc-se/ и http://msc-se.finki.ukim.mk. Замислата на овие студии беа тие да се стремат кон врвно европско образование и обучување на софтверските инженери. Уште позначајно е дека по своето дефинирање, наставните програми беа одобрени од страна на European Software Institute, европскиот претставник на Carnegie Mellon Software Engineering Institute. Студиите започнаа на Универзитетот во Нови Сад во зимскиот семестар и во Скопје во летниот семестар во учебната 2006/07, а од 2008/09 се организираат и на универзитетот DeMonfort од Leicester. Тоа им дава меѓународна препознатливост на дипломата и овозможува мобилност на студентите на сите високообразовни институции во Европа и светот кои нудат образование и истражувања во областа на софтверското инженерство.

За врвниот квалитет на понуденото образование во овие два проекта сведочат големиот број магистрирани студенти од кои најголемиот број ги продолжија своите студии и на третиот циклус, покажувајќи дека се подготвени за квалитетна научно-истражувачка и апликативна дејност на нашиот Универзитет и на реномираните универзитети во Европа.

Најдобар доказ за стекнатото искуство и успешната заедничка соработка меѓу институциите вклучени во проектите се заедничките трудови во неколку списанија со импакт фактор, како и големиот број заеднички публикации на познати конференции.
 
Софтверското инженерство и нејзиното значење

Согласно со дефиницијата на IEEE, „софтверското инженерство претставува примена на систематски, дисциплиниран и мерлив пристап во развојот, работата и одржувањето на софтверот“. Во САД, според Бирото за труд, софтверските инженери ќе бидат најбараната работна сила во следните 10 години. Слична е ситуацијата и во Европа и Азија. Изучувањето на софтверското инженерство и проценката на стекнатите знаења и вештини најдобро се врши во праксата. За еден софтверски инженер, клучна алатка се софтверските системи што ги создава и проценува, софтверот што го користи за проценката и секако, компјутерската опрема. Овозможувањето на постоење на лабораториски услови за развој, поставување, тестирање и одржување на софтвер на студентите ќе им овозможи увид во реалните проблеми со кои ќе бидат соочени по нивното завршување на студиите.

Како дел од Темпус проектот, во 2006 година, Институтот за информатика доби еден сервер, наставна лабораторија со 12 работни места, проектирачка опрема, опрема за видео-теле конференции и библиотека со стотина наслови. Но, за посериозна научно-истражувачка работа беше неопходна многу поамбициозна хардверска и софтверска инфраструктура. 
 
Новата лабораторија за софтверско инженерство и напредни програмерски техники

Во септември 2011, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство пристигна и беше инсталирана новата лабораторија за софтверско инженерство и напредни програмерски техники. Лабораторијата е донација на Министерството за образование и наука во рамките на Проектот на Владата на Република Македонија за опремување лаборатории за научно истражувачка и апликативна дејност. Таа беше свечено отворена на 25 февруари 2012, во присуство на Премиерот на Република Македонија, Министерот за образование и наука, Ректорот на УКИМ и бројни наставници од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Природно математичкиот факултет во чии простории е сместена лабораторијата и професори од странство кои се директно вклучени во наставата на постдипломските студии.

Лабораторијата располага со 20 графички работни станици со високи перформанси кои се неопходни за брзо, квалитетно и успешно совладување на поставените проблеми. Работните станици се опремени со серверска серија на процесори Intel Xeon E5620, 4GB меморија и nVidia Quadro 4000 2G графички картички. Поради добрите карактеристики на графичките работни станици, истите се погодни и за нивно искористување како GPGPU пресметувачки кластер кој има теоретска моќност од (0.7CPU +9.7GPGPU) TFlops. Исто така, работните станици се опремени и со висококвалитетни монитори, со што графичките работни станици овозможуваат професионално користење не само во софтверското инженерство, туку и во областа на компјутерската графика.

Лабораторијата за софтверско инженерство и напредни програмерски техники со својата моќна опрема е наменета за континуирано подобрување на софтверските системи и процеси. Големото теоретско предзнаење и искуство во вреднувањето на квалитетот софтверот и процесите за неговото создавање овозможуваат таа да биде користена за развивање сопствени методи за проценка на квалитетот на системите и процесите, но и за организирано тестирање на програмите што се произведуваат во софтверските фирми.

Лабораторијата има и големо истражувачко значење, бидејки со нејзина помош ќе се развиваат, тестираат и унапредуваат нови пристапи кон решавање на проблемите во оваа област, а ќе се користи и како тест платформа за развој на софтверски решенија за потребите на останатите факултети и институти од Универзитетот.

Перспективно е планирана лабораторијата да стане и центар за сертификација на системите што ги произведуваат софтверските фирми во Македонија и во регионот, а е во согласност со светските и европските стандарди. Имено, во недостаток на Национална агенција за проценка на квалитетот и начинот за создавање на софтверските производи што се извезуваат на странските пазари, а се произведени кај нас, сертификатите за квалитет ги издаваат агенции од други земји. Процесот на создавање сопствено тело за сертификација е долготраен и скап, бидејќи минува низ неколку фази и нивои, но на подолга патека, вложениот труд и финансии ќе бидат високо исплатливи.