За Факултетот
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) е формиран во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), кој е највисоко рангиран универзитет во Македонија, според
4ICU World University Ranking. Основна цел и дејност на Факултетот е развојот на информатичката наука и технологија во Македонија. ФИНКИ како дел од УКИМ е најголем и најпрестижен ваков факултет во Македонија, а исто така е и меѓу најголемите факултети за информатичка технологија (ИТ) во регионот.
Поради обединувањето на двата најголеми институти од областа на информатиката и компјутерската техника во Македонија – Институтот за информатика (ИИ) при Природно-математичкиот факултет и Институтот за компјутерска техника и информатика (ИКТИ) при Факултетот за електротехника и информациски технологии, на ФИНКИ работат најголем број од најдобрите професори за информатичка технологија во Македонија. Сите професори, освен еден, од претходно споменатите два институти преминуваат со својата работа на ФИНКИ, со што наставниот кадар на ФИНКИ сочинува 30 професори и околу 50 соработници. Исто така, дел од наставниот кадар на ФИНКИ е и најреференцираниот научник во Македонија, кој има исклучително влијание во научната јавност во светот и игра голема улога во соработката на Факултетот со Македонската академија за науките и уметностите (МАНУ), а со тоа и во развојот на информатичката наука. Покрај тоа, наставниот кадар има директен контакт со домашните и странските бизнис сектори од областа на информатичките технологии, како и директен контакт и соработка со странски професори и факултети. ФИНКИ, исто така, има официјална поддршка од МАСИТ - Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии.
ФИНКИ е ИТ факултет во Македонија со најголем број на слободни места во квотата за запишување на студенти, ИТ факултет со најголем број на насоки и најголем број на различни изборни предмети, со што се овозможува широк спектар на ИТ профили. Со тоа се продолжува долгогодишната традиција на перспективни и успешни студенти кои студирале информатички технологии на овие институти изминатите 30 години. Поранешните студенти кои потекнуваат од претходните институти денес работат во најпрестижните компании и научни институции во Македонија, а дел од нив и во странство.
Студирањето на ФИНКИ се олеснува со помош на современо опремени лаборатории, факултетски компјутерски центар, компјутеризирана библиотека, безжичен интернет кој го покрива целиот простор на Факултетот, далечинско учење, веб достапност на материјали, дискусии, новости, соопштенија, e-mail комуникација со професорите и асистентите, спортска сала, студентско бифе итн. Исто така, на ФИНКИ се наоѓа најголемиот супер-компјутер во Македонија.
Во текот на студирањето постои задолжителна пракса за сите студенти, која трае најмалку еден месец во годината. Соработката на Факултетот со индустријата нуди можност за реализација на овие студентски пракси во земјата и во странство, реализација на дипломски работи, како и реализација на делови од едукативните активности по некои од предметите.
Лого на Факултетот
Симболика: Основни симболи на логото се броевите 1 и 0, кои директно посочуваат на бинарни броеви како основа на секој компјутерски систем. Воедно, 1 и 0 можат да се гледаат како еден број – 10 (десет) како највисока оценка во образованието.
Поради формата на двата елементи, броевите 1 и 0 можат да се гледаат и како латинични букви „И“ и „О“ кои со себе носат дополнителна асоцијација на термините Input/Output кои директно асоцираат на пренесување на знаења и нивно ширење вон Факултетот, или пак Информатичко Образование, како носечка дејност на Факултетот.
Логото на ФИНКИ е достапно за преземање во делот „
Медиа“.