ФИНКИ е мој избор
Еве што кажаа дел од студентите за Нас:
„Моето досегашно искуство на ФИНКИ ми помогна во градењето на мојата личност. Како ученик од средно приватно училиште, јас имав доста големи очекувања што се однесува до квалитетот на наставата и организацијата на самиот факултет. Слободно можам и да кажам дека бев малце скептичен бидејќи ова е нов факултет. Но самото тоа што е нов факултет придонесе да постои голем ентузијазам како и од професорите, така и од студентите за да се придонесе кон подобрување на квалитетот на наставата и услугите што ги користат студентите. Да не се лажеме доколку мислиме дека одиме во слепо. На ФИНКИ исто така се негува традицијата од професорите што претходно беа на ПМФ и ЕЛЕКТРО. Тие се конфирмирани професори во својата област на знаење во македонија и во странство. За пофалба е и тоа дека голем дел од професорите се достапни за контакт со студентите. Голем плус е тоа што ФИНКИ исто така досега има објавено колем број на конкурси за стипендии, размени, посетување на курсеви, пракси итн... Таквите прилики се ретки низ другите факултети и можам да кажам со гордост дека ФИНКИ е најдобриот факултет по информатика во земјава што образува лидери во полето на информатиката. Програмата е добро осмислена, со доста новитети што не беа присутни порано како дел од наставата. Постојат исто така и голем број на профили со кои самиот студент може да се награди и да ја продлабочи својата област на знаење соодветно на тоа што го интересира...“
Стевица Божиноски,
студент во прва година на студии, студиска програма КНИ
_________________________________________________________________________________
„Моето име е Мабела, студент на можеби еден од најперспективните факултети во нашата држава. Како што одминува времето, се повеќе сфаќам дека сиот труд вложен за да успеам да станам дел од една одбрана група луѓе, сепак вредеше. Можеби сеуште е многу рано да се зборува за тоа каде секој од нас ќе биде во иднина, но со сигурност знам, ФИНКИ ја заслужува мојата доверба.
Знаењето стекнато тука ми дава шанса да станам успешна жена во областа на инорматиката, способна да се носи со сите предизвици, а членството во студентските организации, заедничките забави и спортските натпревари ме прави сестрана личност и значително го проширува мојот поглед кон светот. Патот кон успехот никогаш не е лесен, но јас го прифаќам предизвикот! Велат дека сами одлучуваме за својата иднина, а јас сум горда на својот избор.“
Мабела Атанасовска,
студент во прва година на студии, студиска програма КНИ
_________________________________________________________________________________
„Велат дека студентските години се едно од најубавите искуства што еден човек може да ги доживее. Велат и дека контактите кои што ги остваруваме во текот на нашето студирање го оформуваат нашиот иден, професионален живот; дека ги носиме со нас, отпрвин како колеги на факултет, a потоа и како соработници, како пријатели.
Во тој поглед, оваа година што јас досега ја поминав како студент на ФИНКИ беше едно од најдобрите искуства што сум ги имал. Беше одлично да се студира со толкав број на талентирани и интелигентни студенти, меѓу кои што секогаш се наоѓаше некој за соработка на некој проект, за помош при учењето, или барем за пријатен помин и разговор. Беше возбудливо да се слушаат предавања на интересни теми, од различни области и врвен кадар.
Но, најмногу од се, неверојатно беше што на сите нас ни беше дадена можноста да го персонализираме нашето искуство на факултетот.
Самата настава беше доволно динамична за да го задржи интересот и на напредните студенти, но беше изведена на таков начин што, дури и тие што никогаш претходно не се сретнале со информатиката, можеа успешно да ја следат. Кадарот беше пријателски настроен и секогаш расположен да им помогне на студентите кои што имаа потешкотии со материјалот; но и да ги вклучи студентите со поголеми знаења во проекти и активности кои што истовремено ги интересираа, но и ги предизвикуваа границите на нивното знаење. На пример, самиот имав можност да учевствувам на проект од областа на компјутерската безбедност, за кој што добив несебична поддршка и помош од кадарот задолжен за таа област. Освен тоа, кога заедно со една група на студенти од прва година пројавивме желба да работиме на проект, за кој што сметавме дека ќе го подобри студентското искуство на сите студенти на факултетот, факултетот не само што не поддржа - тој ни ги обезбеди сите услови што ни беа потребни за работа, од пристап до една од компјутерските лаборатории, па се до потребната инфраструктура за работењето на апликацијата и совети за некои од нејзините попредизвикувачки делови.
Најважно од се, врските на факултетот со индустријата, како и големиот број на известувања за работни места кои што како студент на ФИНКИ ги добивам преку него, директно ми овозможија јас да го пронајдам моето сегашно работно место, како софтверски инженер во една мултинационална компанија. Истата таа компанија вработува поголем број на студенти и дипломци од факултетот, затоа што го препознава квалитетот на знаењето кое што ние го стекнуваме овде.“
Дино Бојаџиевски,
студент во прва година на студии, студиска програма КНИ
_________________________________________________________________________________
„Со оглед на тоа што живееме во 21 век – векот на прогресивната технологија, компјутерството беше една од причините да се запишам на ФИНКИ. Факултет кој ќе ми овозможи, од една страна, да го совладам компјутерското инжинерство, а од друга, со стекнатото знаење да се вклопам во тој информатички свет, кој е и те како присутен во секојдневието, како инжинер во некоја од нашите напредни фирми. Мојот интерес кон овој факултет и предметите кои се одржуваат во мојата наставна програма придонесе да досегашните испити ги поминам со солиден просек, па со помош на еден од конкурсите што ни ги овозможува ФИНКИ аплицирав за стипендија на Erasmus и ја добив. Па сега во наредната 2012/2013 школска година студиите ќе ги продолжам во еден од најсолидните универзитети во Европа – Универзитетот Малардален, Шведска, каде очекувам да стекнам уште поголемо искуство и знаење кое понатаму ќе ми служи во надградување на образованието тука и градење на мојата професионална кариера.“
Моника Паноска,
студент во втора година на студии, студиска програма ИКИ
_________________________________________________________________________________
„Што претставува ФИНКИ за мене и што тој ме научи оваа година ?
ФИНКИ - свет на предизвици и можности. Тимската работа со колегите, достапноста на професорите и асистентите ми помогнаа полесно да ги надминам препреките со коишто се соочив. Сфатив колку е битно да се биде дел од врвен тим во кој владее мотивирачка и позитивна атмосфера. Не` инспирираше на многу идеи и ни овозможи, нам, бруцошите со безрезервна поддршка од професорите истите да ги реализираме. А проблеми не дека немаше. Но затоа тука беше Деканатот кој континуирано во текот на целата учебна година во наше темпо "трчаше" и се трудеше да ни ги овозможи и задоволи сите наши барања и потреби - организиравме студентски трибини на кои ги истакнувавме проблемите, ги дискутиравме и заедно ги решававме. Постојано се унапредувавме и се радувавме на успесите. Ме научи дека можеш да се постигне се, со доволно количество на страст и енергија. Затоа, бидете ИНИЦИЈАТОРИ. бидете ЕНТУЗИЈАСТИ. Верувајте и создавајте. Затоа што успехот е дотолку поголем колку што е поголем предизвикот.
Во посакувам успех“
Тина Раниќ,
студент во прва година на студии
_________________________________________________________________________________
Здраво, јас сум Јован Андонов студент во прва година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство.
Од секогаш знаев дека во животот сакам да се занимавам со информатика, меѓутоа по завршеното средно образование имав голема дилема, ЕТФ или ПМФ? За моја среќа ФИНКИ се појави и ми ги реши сите дилеми.
Морам да признаам, дека на почетокот бев малку скептичен дали овој нов факултет ќе биде исто толку добар како и веќе постоечките и докажани ЕТФ и ПМФ, меѓутоа сега можам да ве уверам дека ФИНКИ нема да ве разочара! Факултетот располага со неверојатно квалитетен кадар и ви ги нуди најдобрите можности за студирање информатика во нашата земја. Како средношколец учествував на повеќе натпревари по информатика и програмирање и се стекнав со многу награди, а како резултат на тоа ФИНКИ ми овозможи целосна стипендија! Затоа работете напорно и вложувајте во себе, а ФИНКИ ќе ве награди за тоа!!!
Joван Андонов,
Студент во прва година на студии, насока Компјутерски Науки и Инженерство.