Серверска лабораторија

 
Консолидацијата на ресурсите е еден од современите трендови во развојот на ИТ инфраструктурите. Еден од основите методи на рационализација и консолидација е користењето на виртуелизацијата, особено виртуелизацијата на серверите. Анализирајќи ја искористеноста на своите сервери, голем број на компании увидуваат дека всушност степенот на искористеност на поединечните сервери е многу низок. Виртуелизацијата на ваквите сервери значително ги намалува како инвестициските, така и оперативните, односно трошоците за одржување.

Покрај виртуелизацијата на серверите заради подобро искористување на хардверот, важна примена и е консолидацијата на системите заради нивно подобро управување, но пред се заради сигурност и отпорност на хаварии. Исто така актуелен аспект на виртуелизацијата е и десктоп виртуелизацијата, при што се виртуелизираат работните околини на корисниците.

Главните предности на консолидацијата со виртуелизација се цената на чинење. При тоа, тука пред се сè мисли на цената на хардверот, но не треба да се запостави и цената на вкупното одржување и управување со вака консолидираните системи.

Намалување на потрошувачката на енергија. Иако со мал степен на искористеност, секој поединечен хардверски систем, особено со серверска намена, има завидна потрошувачка на енергија. Поставувањето на повеќе вакви системи на една хардверска платформа значително ги намалува трошоците на електрична енергија. Токму затоа и виртуелизацијата е една од клучните технологии кои допринесуваат за еколошкиот аспект на пресметувањата (“green computing”).

Поедноставување на правењето на заштитни копии (backup). Поради фактот што секој виртуелен систем всушност преставува една слика (image) во една датотека на оперативниот систем-домаќин, со нејзино едноставно зачувување се прави копија на целиот функционален систем, која по потреба може едноставно да се врати во употреба.

Олеснето поставување и дистрибуција (provisioning). Активирањето на нови сервери по потреба станува тривијална активност на копирање на веќе подготвени слики (images) на оперативни системи и нивно активнирање. Ваквиот пристап овозможува брзо активирање на нови системи кога за тоа ќе се јави потреба, но и нивно лесно и брзо отстранување, кога за нив нема да има веќе потреба. Ваквиот пристап особено е добредојден во компаниите кои се занимаваат со развој на софтвер, бидејќи лесно можат да ги тестираат производите во развој на чисти системи.

Намалување на цените на софтверските лиценци. Голем број компании кои се занимаваат со производство на софтвер, особено оперативни системи, нудат специјални лиценцни модели за виртуелизирани сервери, при што нивната цена е значително помала од како за истите лиценци за реални системи. Ова, дополнето со фактот дека на пазарот постојат голем број бесплатни системи или оперативни системи за виртуелзиација (системи домаќини), доведува до значително намалување на вкупната цена на системскиот софтвер по број на виртуелизирани системи.

Можноста за целосно враќање (roll back) на цели оперативни системи. Поради фактот што самиот систем преставува една датотека на системот домаќин, многу лесно е истата да се ископира, а по потреба да се врати во првобитната верзија. Овој аспект е клучен и во примената на виртуелизацијата која се предлага во овој проект.