Лабораторија за ИС, мултимедија и визуелизација

 
Во оваа лабораторија се проучуваат мултимедиските податоци како и начинот на нивната организација. Посебно внимание се дава на мултимедиски стандарди и техниките за дигитализација. Лабораторијата понатаму се бави со модели на податоци и пристап, претставување и обработка на мултимедиски податоци, компресија на мултимедиски податоци (текст, слика, видео и аудио). Посебно внимание се дава на претставување, опис и менаџирање на мултимедиската содржина. Важно место тука има MPEG-7 мултимедиска дескрипциона шема како и содржинско- базирано пребарување и филтрирање на мултимедиски податоци. 
 
Се проучуваат сите видови на визуелни дескриптори (текст, слика, видео и аудио). Посебно се посветува внимание на дескрипторите за пребарување на 3Д објекти и нивната примена.

Опремата служи и за дистрибуирани сензорски мултимедиски системи, аспекти од мултимедиски комуникации, пренос на мултимедиски информации, протоколи, интерфејси и стандарди за кодирање и формати за размена на податоци, врска со MPEG-4, проучување на параметрите за оценка на квалитет на услуги (QoS, QoE) кај мултимедиските системи и комуникации, синхронизација на медиумите и подршка за прикажување во реално време, интерактивни мултимедиски околини. Конечно, се испитуваат мултимедиски системи во облак околина (обработка, пренос и квалитет на услуги) со осврт на проектирање на мултимедиски апликации. Се испитува можноста за примена на мултимедиските системи во медицината, здравството, уметноста, забавата (игрите) и образованието. 
 
Лабораторијата се користи за настава на додипломски, последипломски и докторски студии како и за научно-истражувачка работа. Во соработка со лабораториите за еко-информатика и мултимедиски мобилни апликации се развиваат мобилни мултимедеиските апликации во облак околина. Информациони мултимедиски системи се базираат на овие технологии и се врши визуализација преку расположивите софтверски алатки.

Лабораторијата може да служи за истражување и развој на мултимедиски мобилни апликации и информациони системи во многу области какви што се медицината, здравството, уметноста, забавата (игрите) и образованието итн. Посебно е интересна врската со облак (мобилна) околина, сензорските мултимедиски апликации и истражувања во областа на Интернет на нешта (“Internet of Things”). Серверите од лабораторијата, како и од другите лаборатории на ФИНКИ се обединети во заеднички ХПЦ центар (центар за обработка на податоци со високи перформанси) кој е основа за развој на облак (Cloud) околината.

Повеќе информации за оваа лабораторија можете да добиете од проф. д-р Данчо Давчев.